Босанецот Хамдија Алукиќ се наоѓа во притвор без можност за кауција во затворот во округот Болдвин во Алабама, Америка. Федералните судски документи откриваат воени злосторства за кои се обвинува дека ги извршил во Босна и Херцеговина во 1992 година, пренесува Фокс.
Поранешен сосед на Алукиќ изјавил дека живееле еден до друг неколку години во Вилмер пред Алукиќ и неговото семејство да се преселат.
„Тоа навистина ме остава без зборови, никогаш не би помислил на тоа, навистина е неверојатно“, изјави соседот.
Документите покажуваат дека Алукиќ бил уапсен од американските маршали во Мобајл во средата.
Според неговиот поранешен сосед, Алукиќ живеел мирен живот во Вилмер со своето семејство.
„Имаа кучиња, кокошки и продаваа јајца во Волмарт и слично. Секогаш беа фини. Сум бил кај нив неколку пати додека растев. Беа вистински странци. Не зборуваа баш најдобар англиски — барем таткото и мајката“, изјави соседот.
Федералните судски документи тврдат дека 70-годишниот маж бил вмешан во два напади. Врз основа на сведочења, документите наведуваат дека Алукиќ бил член на босанско-муслиманска паравоена група за време на граѓанската војна што се одвиваше од 1992 до 1995 година во Босна и Херцеговина.
Документите покажуваат дека тој планирал и извршил два одделни напади во кои загинале две лица, пишува Фокс.
Судските документи наведуваат дека е обвинет за заседа на автомобил заедно со други членови од истата група, исто дека пукал кон возачот и го запалил возилото додека телото сè уште било внатре.
Според налогот за апсење, властите бараат екстрадиција на Алукиќ во Босна и Херцеговина, каде се очекува да му се суди за воени злосторства против цивилното население.
Slobodenpecat


