Околу 24.000 лица во Македонија живеат со деменција, а дополнителни 8.000 граѓани се соочуваат со Паркинсонова болест. Во услови кога се очекува бројот на заболени од деменција до 2050 година речиси тројно да се зголеми, здравствените власти и медицинските експерти разговараат за можностите за воведување современи методи на лекување и третман.
Овие прашања беа во фокусот на панел-дискусијата „Паркинсонова и Алцхајмерова болест: подобар третман за подобар живот“, која денеска се одржа во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје. На отворањето се обрати министерот за здравство Сашо Клековски.
Невролози и неврохирурзи од Универзитетскиот клинички центар во Љубљана и од универзитетските клиники во Скопје разменија искуства за можностите за примена на длабоката мозочна стимулација (DBS) кај пациентите со Паркинсонова болест, како и за антиамилоидните терапии леканемаб и донанемаб, наменети за раната фаза на Алцхајмеровата болест.
Посебен акцент беше ставен на условите и предусловите што треба да ги исполни македонскиот здравствен систем за да се овозможи примена на овие современи терапии.
Министерот Клековски нагласи дека нивното воведување бара внимателен пристап, соодветна дијагностика, обучени медицински тимови и континуирано следење на пациентите.
„Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест не се само дијагнози. Тоа се години живот, на пациентот и на семејството што се грижи за него. Ниту една од овие терапии не е за секого. И двете бараат внимателно избрани пациенти, обучени тимови, дијагностика и долгорочно следење. Затоа прашањето не е само дали, туку како: безбедно, стручно и одржливо“, изјави Клековски.
Тој посочи дека Министерството за здравство е подготвено да ги разгледа препораките на медицинската фела и очекува од дискусијата да произлезат конкретни насоки за тоа што е потребно да се обезбеди, по кој редослед и во какви временски рамки.
Клековски упати благодарност до експертите од Љубљана за двегодишната соработка со клиниките во Скопје, која се реализира преку програмата „Ментор–Ментее“ на Меѓународното друштво за Паркинсонова болест и нарушувања на движењето (MDS).
На панел-дискусијата учествуваа проф. д-р Звездан Пиртошек, независен експерт на Обединетите нации за остварување на човековите права на постарите лица, проф. д-р Дејан Георгиев, асист. д-р Јован Божиновски, директор на Универзитетската клиника за неврологија, и д-р Љуљзим Агани, директор на Универзитетската клиника за неврохирургија.
Модератор на настанот беше проф. д-р Габриела Новотни.


