February 26, 2026

Вицепремиерот на Србија Ивица Дачиќ хоспитализиран поради тешка пневмонија

Вицепремиерот на Србија, министер за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија при Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија.

Помошник-директорот на Клиниката за пулмологија, Спасоје Попевиќ, синоќа изјави дека здравствената состојба на министерот е многу сериозна и дека следните три дена ќе бидат клучни.

„Тој моментално е на механичка вентилација, респиратор, добива сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој респиратор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот“, рече доктор Попевиќ.

Тој прецизираше дека Дачиќ бил примен во болница вчера во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија и нагласи дека е прерано да се даде прогноза.

„Премногу е рано, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент“, додаде Попевиќ за Танјуг.

Дачиќ синоќа во Клиничкиот центар на Србија беше посетен од српскиот претседател Александар Вучиќ, заедно со членови на Владата.

„Го посетивме сите заедно вицепремиерот и претседател на СПС, тешка е ситуацијата, но ние веруваме во лекарите и веруваме во него и се молиме за него“, рече Вучиќ, обраќајќи се на медиумите пред Клиничкиот центар на Србија.

Read Previous

22 години од смртта на претседателот Борис Трајковски

Read Next

Хрватскиот министер за надворешни и европски работи во посета на РС Македонија