February 23, 2026

Северна Македонија ги повика своите државјани да го напуштат Мексико

Северна Македонија ги повика своите државјани да го напуштат Мексико.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНТ), во објава на американската платформа за социјални мрежи X, апелираше до македонските државјани да ја напуштат државата.

„Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, МНРНТ апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, да ја напуштат во првата безбедна прилика. Се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од неопходен карактер“, се наведува од Министерството.

Министерството, исто така, ги стави на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон: +38975268736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на македонското Дипломатско-конзуларно претставништво во Вашингтон: +1 (202) 758-7798.

Се наведува дека Министерството континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста.

Мексиканските федерални безбедносни сили во неделата спроведоа воена операција насочена кон картелот Нова генерација Халиско во градот Тапалпа, околу 130 километри јужно од Гвадалахара, главниот град на државата Халиско. Извештаите наведуваат дека лидерот на картелот Ел Менчо бил убиен за време на судирот.

По операцијата беа пријавени голем број блокади на патиштата и случаи на палење возила и деловни објекти во Халиско и други држави, опишани како можна одмазда од криминалната организација.

Владата на државата Халиско ги повика жителите да останат во своите домови, го суспендираше јавниот превоз и активираше „црвен аларм“ поради закани по јавната безбедност.

Последниве денови ескалираше насилството во неколку држави во Мексико.

Read Previous

Дојави за поставени бомби во две училишта во Сараево

Read Next

Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово, полицијата изврши проверки