Земјоделците од Тетово протестираа пред општината бидејќи сè уште немаат добиено никакво обештетување од невремето проследено со град, кој им ги оштети посевите во 2024 година.
Според нив, иако штетата била 100%, тогаш општината и Министерството за земјоделство ветиле 35% обештетување, потоа биле ветени 10%, но досега немаат добиено ниту еден денар.
Сега очекуваат општината да им исплати 5%, а владата 5%.
– Прво проблем беа документите, влада, министерство, општина – не знаеме каде беше проблемот. Потоа се сретнавме со градоначалникот во декември, ни вети, во јануари. Јануари помина, дојде февруари – исто. Ни ветуваше и пред изборите, не ги исплати ниту пред ниту по изборите, изјави Осман Адили, земјоделец.
– Никаква информација немаме од општината, немаме ни 5%. Бараме да бидеме еднакви со Источна Македонија. Во Западна Македонија земјоделците се запоставени, а и ние сме граѓани на оваа држава. За даноци сме еднакви со другите, а за штети сме избегнати, изјави Мухарем Исаку, земјоделец.
Од Општина Тетово соопштија дека до крајот на овој месец земјоделците од Тетово ќе ги добијат финансиските средства.
-Надлежните институции ги завршија потребните административни процедури, со што се отвори патот за реализација на исплатите. Според предвидената динамика, обештетувањето за оштетените земјоделци се очекува да се изврши до крајот на овој месец, велат од општина Тетово.
Во јуни 2024 година невремето што го зафати Полошкиот регион ги оштети посевите. Во тоа време министерот за земјоделство, заедно со градоначалникот, се обврзаа дека земјоделците ќе бидат обештетени. Оттогаш исплатата на средствата постојано се одложува, додека земјоделците велат дека се во долгови кон земјоделските аптеки бидејќи не ги платиле семињата и посевите.


