February 12, 2026

Алиу откри кога ќе бидат ставени во функција катните гаражи на Клинички

Министерот за здравство, Азир Алиу, информира дека Владата, на последната седница, донела одлука за решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Со оваа одлука, вели Алиу, се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје и решавање на деценискиот проблем со паркингот кај клиниките.

– Станува збор за одлука за давање под закуп на недвижни работи со непосредна спогодба со Град Скопје заради организирање, управување, уредување и одржување на паркиралишта во просторот на Комплекс клиники ‘Мајка Тереза’ во Скопје. Во следната фаза, Град Скопје ќе започне со проектирање и изградба на катните гаражи и инфраструктурно уредување. Договорот ќе биде склучен на 15 години со закупнина во висина од 10 проценти од вкупниот промет, рече Алиу.

Тој додаде дека со ова ќе се овозможи модернизација и зголемување на капацитетите за паркирање на клинички. 

– Очекувам до јуни да бидат монтирани трите катни гаражи и ќе има вкупно докај 1.500 места за паркирање во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза, најави министерот за здравство.

 Сега има околу 1.000 паркинг места.  Катните гаражи ќе бидат монтирани на три локации: на местото на поранешната ковид-болница до Инфективната клиника, до Клиниката за гинекологија и акушерство и на просторот кај хелиодромот. 




Skopjeinfo

Read Previous

Калас по формирањето на косовската Влада: Момент за унапредување на односите ЕУ – Косово

Read Next

МДТ потпиша Меморандум за соработка со Виза