Министерството за дигитална трансформација денеска потпиша Меморандум за соработка со Visa, а министерот Стефан Андоновски ова го оцени како важен чекор кон побрза, поедноставна и покориснички ориентирана јавна администрација во дигитална средина.
„Со Ана Драшковиќ, потпретседателка и генерална директорка на Visa за Југоисточна Европа, договоривме партнерство со кое ќе ги искористиме можностите што ги нудат дигиталниот идентитет, дигиталниот паричник и технологиите за дигитално плаќање, за да ја зголемиме достапноста и квалитетот на електронските државни услуги за граѓаните и деловните субјекти“, истакна Андоновски во објава на социјалните мрежи.
Во фокусот на соработката се: унапредување на дигиталниот идентитет и функционалностите за плаќање на Националниот портал uslugi.gov.mk и мобилната апликација m.Uslugi, развој на инфраструктура за прифаќање дигитални плаќања на шалтерите во институциите од јавниот сектор и промоција и подигнување на свеста за придобивките од е-услугите и е-плаќањата кај граѓаните, бизнисите и државните службеници.
„Нашата цел е јасна: помалку време на шалтери, повеќе услуги достапни онлајн и модерни, сигурни начини на плаќање каде што е потребно. Продолжуваме со конкретни решенија за дигитална држава што работи за граѓаните“, порача министерот.


