February 11, 2026

Земјите од регионот изразија солидарност со Канада по фаталното пукање во училиште

Земјите во регионот изразија солидарност со Канада по трагичното пукање во училиште во покраината Британска Колумбија во Канада, каде што беа убиени десет лица, а неколкумина беа повредени.

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, во објава на американската социјална мрежа X, изрази „длабока тага“ поради трагичниот настан во Тамблер Риџ, нагласувајќи дека училиштето треба да биде место за учење и безбедност.

„Се солидаризираме со погодените семејства, учениците и училишниот персонал. Сочувство до нивните најблиски што тагуваат и им посакуваме сила и целосно закрепнување на повредените“, истакна Силјановска-Давкова.

Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар рече дека во моментите кога насилството одзема невини животи, зборовите стануваат тешки, додавајќи дека мислите на Словенија се со семејствата на жртвите во Канада.

„Денес сочувството, солидарноста и хуманоста се поважни од кога било“, додаде таа.

Српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека е длабоко потресен од веста за трагедијата во училиштето во Канада. „Србија ја разбира и ја дели вашата болка. Секој таков чин на глупост нè потсетува дека мора да ги фокусираме сите наши напори на заштитата и безбедноста на младите во овие тешки времиња“, рече Вучиќ.

Тој изрази сочувство до граѓаните на Канада и семејствата на жртвите, а на повредените им посака брзо закрепнување.

Порака со сочувство упати и косовската претседателка Вјоса Османи: „Ниеден родител, ниедно дете, ниедна заедница никогаш не треба да преживее таква трагедија. Тагуваме со народот на Канада и им изразуваме најдлабоко сочувство на семејствата што се соочуваат со оваа незамислива загуба. Исто така, во мислите ни се и повредените.“ Таа порача дека Косово цврсто стои покрај Канада во ова време на тага.

Преку објава на социјалните мрежи во врска со нападот порака со сочувство испрати и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ: „Длабоко нè потресе веста за смртоносното пукање во средно училиште во Тамблер Риџ, во кое неколку лица ги загубија животите. Упатуваме најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите, до канадскиот народ – особено жителите на Британска Колумбија и Тамблер Риџ – како и до премиерот Марк Џ. Карни.“

Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина, исто така, го осуди чинот на насилство, опишувајќи го како „бесмислен чин што ја шокира не само локалната заедница туку и целата земја“.

Во реакцијата се вели дека Босна и Херцеговина се солидаризира со канадскиот народ во овие моменти на жалост.

„Нашите искрени мисли и молитви се со семејствата и пријателите што ги изгубија своите најблиски, како и со сите оние чии животи засекогаш се сменети од оваа трагедија“, објави Министерството.

И Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија, во порака објавена на социјалните мрежи, ја истакна длабоката ожалостеност од трагичната вест за фаталното пукање во средно училиште во Тамблер Риџ, кое толку трагично одзеде невини животи.

„Овој бесмислен чин на насилство нè потресе сите до срж. Наше искрено сочувство им упатуваме на семејствата на жртвите, заедницата на Тамблер Риџ, народот од Британска Колумбија и сите Канаѓани во ова време на длабока тага. Албанија е во солидарност со Канада и ви посакуваме сила и утеха поради оваа ужасна загуба.“

Read Previous

Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк

Read Next

Потпишан Договор за соработка помеѓу Македонски и Турски Железници