Во Министерството за одбрана на Хрватска, врз основа на заедничката трилатерална Декларација потпишана во март 2025 година од министрите за одбрана на Хрватска, Албанија и Косово, беше одржан трилатерален состанок на ниво на директори за одбранбени политики и вооружување.
Според соопштението на Министерството за одбрана на Косово, состанокот одржан на 30 јануари во Загреб претставува една од активностите во рамките на спроведувањето на договорените области на соработка меѓу страните.
Делегацијата на Косово ја предводеше директорот за одбранбени политики, Фарук Геци, при што беа разменети мислења за можностите за унапредување на заедничката соработка во областа на одбранбените способности, соработката меѓу одбранбените индустрии на земјите потписнички, како и за натамошните чекори за спроведување на декларацијата.
Во декларацијата се утврдени четири клучни области на натамошна трилатерална соработка, кои опфаќаат промовирање на соработката во областа на одбранбените способности и одбранбената индустрија, зголемување на интероперабилноста преку образование, обука и заеднички вежби, адресирање на хибридните закани и јакнење на отпорноста, како и обезбедување континуирана и целосна поддршка за евроатлантската интеграција.
Исто така, заедничката трилатерална декларација го потврди ангажманот за натамошно јакнење на трилатералната соработка во областа на безбедноста и одбраната меѓу Хрватска, Албанија и Косово, со цел зголемување на безбедноста и стабилноста во Југоисточна Европа.
Во тој контекст, според Министерството, беше истакната важноста на координираните напори за решавање на новите безбедносни предизвици, хибридните закани и другите ризици што може да ја загрозат регионалната и меѓународната стабилност.

