February 4, 2026

Случајот Епштајн: Оформен предмет за наводите за транспорт на мозоци во САД од починати лица од Северна Македонија

 Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, врз основа на повеќе објавени информации во медиумите, оформи предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Џефри Епштајн, кои упатуваат дека примероци од мозоци на починати лица од земјава наводно биле транспортирани за научноистражувачки цели во САД.

Како што информираат од Јавното обвинителство, имајќи ја предвид природата на наводите, кои вклучуваат обработка, замрзнување и меѓународен транспорт на човечки ткива, како и евентуални прашања за усогласеноста со законските и етичките стандарди за експерименти со човечки ткива и примероци, оформен е предмет со цел да ги испита сите индиции за евентуално постоење елементи на кривично дело што се гони по службена должност.

Предметот е доставен до Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое ќе добие официјални информации од здравствените институции и надлежните органи за да утврди дали имало нелегално постапување.

Министерството за здравство на земјата претходно во соопштение изјави дека нема директни надлежности во спроведувањето на научноистражувачката дејност, која е регулирана со ригорозни закони и упатства за биолошки материјали со генетски карактеристики.

Инаку, по објавувањето на милиони страници документи од досието поврзано со Џефри Епштајн, покојниот американски финансиер осуден за сексуална злоупотреба, во Северна Македонија се објавија наводи за трансфер на примероци од мозок од починати лица од земјата до САД за научни истражувања.

Во една од пораките што беа објавени од досието, Епштајн е информиран за научно истражување, во чии рамки, како што е наведено во пораката, биле користени и човечки мозоци од Северна Македонија.

Според објавите, станува збор за проект кој бил имплементиран помеѓу 1990 и 2000 година.

– Случајот Џефри Епштајн –

Епштајн, суден за сексуална злоупотреба на десетици девојки под 18 години, од кои најмладата имала 14 години, како и за создавање мрежа за проституција, беше пронајден мртов на 10 август 2019 година во неговата ќелија во затворот Метрополитен Централ на Менхетен во Њујорк, каде што беше затворен.

Досиејата објавени од судењето вклучуваа познати имиња како принцот Ендру, американскиот претседател Доналд Трамп, поранешниот претседател Бил Клинтон, поранешниот израелски премиер Ехуд Барак, поранешниот потпретседател на САД, Ал Гор, актерот Кевин Спејси, пејачот Мајкл Џексон, илузионистот Дејвид Коперфилд, адвокатот Алан Дершовиц и поранешниот гувернер на Њу Мексико, Бил Ричардсон.

Федералното истражно биро на САД (ФБИ), по истрагата спроведена со Министерството за правда, објави дека не пронашло докази за постоење на „список на клиенти“ што ги вклучува овие добро познати имиња. Според нив, Епштајн, за кого дури и се тврдеше дека бил убиен за да се прикријат злосторствата на познати луѓе, всушност извршил самоубиство во својата ќелија.

Read Previous

Во Загреб одржан трилатерален состанок на Хрватска, Албанија и Косово во областа на одбраната

Read Next

650 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 590 за пребрзо возење