Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска во 11 часот до Собранието и до сите пратенички групи официјално поднесе иницијатива за изменување и дополнување на Законот за платата и другите надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица, барајќи итно постапување без одлагање.
Иницијативата е донесена врз основа на одлука на Претседателството на ССМ од 3 февруари 2026 година и се темели на член 71 од Уставот на Република Северна Македонија, кој овозможува поднесување законски иницијативи до овластените предлагачи.
Со предложените измени, ССМ бара основицата за пресметување на платата на пратениците и на другите избрани и именувани лица да биде минималната плата во државата, според податоците на Државниот завод за статистика, наместо досегашната просечна плата. Дополнително, синдикатот предлага и намалување на коефициентите за утврдување на платите и надоместоците за 40 проценти.
Во образложението, од ССМ наведуваат дека ваквото решение произлегува од уставните принципи на еднаквост, недискриминација и правна сигурност, како и од меѓународните трудови стандарди, Европската социјална повелба и Универзалната декларација за човекови права. Според синдикатот, доколку минималната плата, како што тврдат Владата и работодавачите, е доволна за задоволување на основните животни потреби, тогаш таа треба да биде и појдовна основа за пресметка на платите на функционерите.
ССМ потсетува дека во 2023 година заедно со Владата го потпишале Општиот колективен договор за јавниот сектор, во кој како основица за платите беше предвидена просечната плата, но, како што наведуваат, Владата не го спровела договорот и побарала укинување на тоа право за вработените. Оттука, синдикатот предлага истиот принцип да важи и за платите на функционерите, избраните и именуваните лица.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, преку објава на социјалните мрежи порача дека очекува сите 120 пратеници веднаш да гласаат за иницијативата.
„Не може на работниците да им се кажува дека добро се живее со минимална плата, а истовремено предлогот за зголемување на минималната плата и на сите останати плати за најмалку 6.000 денари да се чува во фиока. Ако им велите на работниците да се договараат со газдите, тогаш договорете се и вие со работниците за вашите плати“, порача Трендафилов.
TV21

