-Доста е, има надеж, престанете со пушењето и навистина ќе видите колку подобро ќе биде.
Овој апел го упати проф. д-р Оливер Зафировски, кој алармира за големиот број пушачи во нашата земја, особено кај младите. Тој нагласи дека возраста за започнување со консумирање тутун е значително намалена, достигнувајќи од 12 до 14 години, додека зголемувањето на употребата на електронски цигари кај децата и младите останува загрижувачко.
„Според статистиката, возраста за консумирање тутун веќе е намалена на 12 до 14 години и сè повеќе малолетни деца почнуваат да користат тутунски производи. Уште позагрижувачко е што електронските цигари сè повеќе стануваат тренд. Иако има пропаганда дека тие воопшто не се штетни, спротивното е точно – тие се штетни и предизвикуваат сериозни и долгорочни последици за чувствителните бели дробови на децата“, рече Зафировски.
Го поддржуваме овој предлог-закон за заштита од пушење, рече Зафировски, бидејќи не станува збор за казнување, туку за директна заштита и на младите и на возрасните, со оглед на тоа што една од главните причини за рак на белите дробови е никотинот, имено пушењето.
-Не се оштетени само белите дробови, туку и срцето и сите други системи, поради оваа причина велиме дека ова е еден од најдобрите закони што сакаме да ги спроведеме, тоа е во интерес на нашите граѓани-изјави Зафировски.
Тој вели дека на Клиниката за пулмологија работи и служба за психолошка помош за откажување од зависноста од цигари, иако мал број пациенти го завршуваат третманот. Клиниката, како што рече, планира едукативни проекти во основните и средните училишта за подигање на свеста кај младите.

