February 4, 2026

100 нови градски автобуси за Скопје – Ѓорѓиевски вели дека ветувањето станува реалност

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска во објава на социјалните мрежи сподели дека ветувањето кое го дале ќе стане реалност, односно дека Скопје ќе добие 100 нови градски автобуси.

„Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз“, истакна Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.

Тој рече дека на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи, онака како што истакнал премиерот Христијан Мицкоски.

„Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации“, вели градоначалникот.

Додава дека оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови.

„Проблемот што со години ве боли и што најчесто ми го посочувавте, проблемот со јавниот превоз, наскоро заминува во историјата. Свесен за тежината на предизвиците, ја прифатив оваа одговорност за да ги погледнеме проблемите во очи и заедно да ги решиме. И резултатите веќе се видливи. За неполни три месеци од преземањето на функцијата, започнавме процеси што долго биле закочени, до крајот на годинава пристигнуваат новите возила за Комунална хигиена, а набавката на нови автобуси ќе започне. Ве уверувам, пред нас се тектонски промени на подобро“, порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека Скопје повторно ќе стане град со кој се гордееме и град со достоинство, ред и визија.

Во објавата, Ѓорѓиевски му се заблагодари на премиерот Мицкоски за, како што вели, безрезервната поддршка и за посветеноста кон граѓаните каква што одамна не била видена.

„Во услови на тежок колапс во кој го наследивме Скопје, без неговата поддршка ништо од ова немаше да биде возможно“, нагласува тој.

Read Previous

Виртуелната министерка Диела во владиниот Кабинет на Албанија доби награда во ОАЕ

Read Next

Младите од 12 до 14 години почнуваат да пушат цигари