Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, со декрет го одреди 9 мај 2027 година како датум за одржување на локалните избори.
Во соопштението од Претседателството на Албанија се наведува дека за утврдување на датумот на изборите, претседателот Бегај свикал консултации со сите политички фактори застапени во Парламентот на Албанија, како и со државниот изборен комесар, како претставник на надлежниот изборен орган во Албанија.
„На поканата за консултации се одзваа пратеничката група на Социјалистичката партија, Социјалдемократската партија и државниот изборен комесар. Другите субјекти одлучија да не учествуваат во консултациите, а не објавија ниту каква било партиска преференција во врска со датумот на изборите. Субјектите вклучени во консултациите беа отворени за секое решение. Комесарот го предложи 9 мај 2027 година, последниот ден од предвидениот календар, со образложение дека овој датум остава повеќе време за спроведување на неопходните мерки“, се наведува во соопштението.
Исто така, се истакнува дека Бегај ги повикува политичките субјекти да учествуваат на изборите со алтернативи, платформи и кандидати кои, според него, ќе бидат на нивото на овој суштински демократски процес.
Потсетуваме дека претстојните локални избори ќе се одржат согласно со новата административно-територијална реформа, со која бројот на општини беше намален од 61 на 46.
Последните редовни локални избори во Албанија се одржаа на 14 мај 2023 година.


