January 9, 2026

Бројот на заболени во Македонија расте – регистрирани 1.725 за една недела

Во периодот од 29 декември до 4 јануари во земјава биле регистрирани 1.725 случаи на грип или заболувања слични на грип, што претставува зголемување од 2,2 пати во однос на претходната недела, кога биле пријавени 771 заболени. Споредено со истата недела лани, кога биле евидентирани 331 случај, бројката е поголема за 5,2 пати, а во однос на истиот период во последните 15 сезони зголемувањето изнесува 38,7 проценти, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Директорката на Институтот, д-р Марија Андоновска, денеска изјави дека во Македонија е регистриран висок интензитет на вирусот на грип, со очекување бројките дополнително да растат во наредните недели.

„Пикот на грип се очекува во втората половина од јануари и првата половина од февруари. Со враќањето на учениците во училиште веројатно ќе се зголеми бројот на новозаболени,“ посочи д-р Андоновска.

Според ИЈЗ, најмногу заболени се лица на возраст од 15 до 64 години (749), потоа деца од 5 до 14 години (618), деца до 4 години (229) и лица над 65 години (129). Највисока инциденца е забележана кај децата од 5 до 14 години.

Пријави за заболени има од 18 региони. Најмногу случаи се регистрирани во:

Скопје – 716

Тетово – 339

Куманово – 150

Велес – 109

Штип – 60

Дебар – 54

Гостивар – 49

Прилеп – 45

Охрид – 44

Битола – 40

Струмица – 38

Во останатите градови бројките се под 30 заболени.

Во Дебар е регистрирана многу висока активност на вирусот, во Велес и Тетово – висока, додека средна активност е забележана во Скопје, Куманово и Штип. Во десет региони активноста е сезонска и регуларна, а во Радовиш и Демир Хисар многу ниска. До овој момент не се регистрирани починати лица поврзани со грип.

ИЈЗ препорачува граѓаните кои немаат симптоми да избегнуваат масовни собири и простории со многу луѓе, да одржуваат лична хигиена, да се проветруваат просториите и да се почитуваат здрави животни навики. За заболени од грип препораките се домашен престој, консултација со матичен лекар и симптоматска терапија. Особено внимание се препорачува кај ризичните категории – лица над 65 години, деца, бремени жени и хронично болни.

Оваа сезона циркулира вирус на грип од типот А, а ИЈЗ продолжува да ја следи епидемиолошката состојба. Доколку бројот на заболени значително се зголеми, можно е да се предложат дополнителни мерки.

Од почетокот на сезоната досега се регистрирани вкупно 3.825 случаи на грип и заболувања слични на грип. Споредено со истиот период лани (1.335 случаи), бројката е зголемена за 2,8 пати, а во однос на моделот на последните 15 сезони е регистрирано зголемување од 20,6 проценти.

Read Previous

30 полски кревети и ќебиња доставени до привремено сместените лица во Кичево

Read Next

Едно лице се удави во поплавите во Албанија