Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, донесе одлука за распишување парламентарни избори за 22 март 2026 година.
Соопштувајќи ја одлуката, претседателката рече дека ќе го даде мандатот за формирање нова влада на политичката опција која ќе освои најмалку 46 од 90-те места во Парламентот.
„Кој и да е тоа“, додаде Пирц Мусар, повикувајќи на политичка зрелост.
Таа истакна дека сака јасни, одговорни и остварливи програми на политичките партии и нагласи дека во изборната кампања, содржината треба да има предност пред политиката.
Според Законот за избори за Државниот збор, редовните избори се распишуваат најрано 135 дена, а не подоцна од 75 дена пред истекот на четири години од првата седница на претходниот Државен збор. Од денот на распишувањето на изборите до денот на гласањето не смее да поминат повеќе од 90 дена, а најмалку 60 дена.
Претходните парламентарни избори во Словенија се одржаа на 24 април 2022 година. Првата седница на Државниот збор (Парламентот) се одржа на 13 мај истата година.
Државниот збор има вкупно 90 пратеници, од кои 88 се избираат со пропорционален изборен систем на општи, слободни и непосредни избори, додека двајца пратеници ги претставуваат автохтоните национални заедници (италијанската и унгарската), со по едно загарантирано место.
Словенечкиот Парламент се состои од два дома; покрај Државниот збор, има и Државен совет од 22 члена, кои го застапуваат важни социјални, економски, професионални и регионални групи и поединци. Членовите се избираат на мандат од четири години.
Овогодишните парламентарни избори ќе бидат десетти во историјата на независната држава. Првите избори за Државниот збор се одржаа во 1992 година.


