January 8, 2026

Северна Македонија меѓу 60-те целни земји на Турција за извоз во 2026 година

Министерството за трговија на Турција годинава утврди 60 земји меѓу кои и Северна Македонија како „целни пазари“ за извоз, со цел развој на извозот кон алтернативни пазари и примена на дополнителни мерки за поддршка.

Според информациите што ги собра Анадолу, Министерството спроведува бројни активности со цел трговијата да стане поконкурентна, побрза и посигурна, да се поттикне извозот со висока технологија и додадена вредност и на тој начин да се придонесе за одржлив економски раст.

Со цел понатамошно зајакнување и развој на извозниот потенцијал, Министерството обезбедува поддршка за извозниците во различни области.

Во овој контекст, секоја година, во рамките на надворешно-трговските политики на Турција, пазарите што имаат стратешки приоритет и висок извозен потенцијал се утврдуваат како „целни земји“. Министерството ги поддржува компаниите што извезуваат во овие земји преку посебни механизми за поттик.

При утврдувањето на целните земји, секоја година се земаат предвид уделот на земјите во глобалната е-трговија, условите за влез на пазарот, оддалеченоста, како и извозните стратегии на Министерството.

При идентификувањето на овие земји, кои имаат важно место во надворешно-трговската стратегија на Турција, се постапува и во согласност со глобалната политичка и економска конјунктура.

– Компаниите се насочуваат кон овие пазари –

На овој начин се цели да се намали можниот негативен ефект врз извозот од евентуалното намалување на традиционалните пазари и да се зголеми извозот кон алтернативни пазари. За утврдување на различни целни пазари кон кои може да се насочат компаниите, како основа се користат макроекономски показатели, матрица раст-удел и анализи за диверзификација на пазарите.

Во овие анализи се земаат предвид земјите опфатени со Стратегијата за далечни земји, членките на Организацијата за исламска соработка, како и земјите анализирани во рамките на Стратегијата за развој на извозот.

Во согласност со Одлуката за поддршка на извозот, за трошоците поврзани со целните земји се применува дополнителна поддршка. Поддршка се обезбедува во многу области, особено за промоција на е-извоз, услуги за исполнување на нарачки, секторски трговски и куповни делегации, како и трошоци за провизии на пазарни платформи.

​​​​​​​- Утврдени 60 земји –

Како резултат на анализите и проценките спроведени од Министерството, годинава 60 земји се утврдени како „целни земји за извоз“. Тие се:

„Германија, Соединетите Американски Држави, Австралија, Азербејџан, Бахреин, Бангладеш, Обединетите Арапски Емирати, Обединетото Кралство, Босна и Херцеговина, Бразил, Алжир, Чешка, Народна Република Кина, Индонезија, Етиопија, Мароко, Брегот на Слоновата Коска, Филипини, Палестина, Франција, Гана, Јужноафриканска Република, Јужна Кореја, Индија, Ирак, Шпанија, Италија, Јапонија, Камбоџа, Канада, Катар, Кенија, Колумбија, Кувајт, Либија, Унгарија, Северна Македонија, Малезија, Мексико, Египет, Нигерија, Узбекистан, Пакистан, Перу, Португалија, Романија, Русија, Сенегал, Србија, Словачка, Сирија, Саудиска Арабија, Чиле, Танзанија, Тајланд, Тунис, Оман, Јордан, Венецуела и Виетнам.“

Минатата година бројот на целни земји за извоз беше утврден на 55, додека годинава на постојната листа се додадени Палестина, Унгарија, Северна Македонија, Словачка и Сирија.

Read Previous

40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција, изјави Николоски

Read Next

Парламентарни избори во Словенија на 22 март