January 6, 2026

Снегот предизвика проблеми во БиХ: Едно лице загина во Сараево

Обилните снежни врнежи што ја зафатија Босна и Херцеговина во последните 24 часа предизвикаа големи проблеми низ целата земја, а една несреќа со смртни последици е регистрирана во Сараево.

Во сараевската населба Грбавица, утрово, бор, висок повеќе од десет метри, паднал врз жена која починала од тешки повреди на Клиниката за итна медицинска помош (КУМ).

Снегот предизвика сериозни проблеми во сообраќајот, при што беа регистрирани голем број сообраќајни несреќи, како и прекини и намалување на јавниот превоз.

Граѓаните се жалеа на неисчистени и непроодни патишта и тротоари, што принуди многумина да одат по коловозот, што дополнително ја загрозуваше безбедноста на пешаците.

Од комуналното претпријатие „Рад“, кое работи на подрачјето на четири градски општини во Сараево, објави дека 33 зимски сервисни возила и околу 80 работници се распоредени за рачно чистење на патиштата и пешачките површини. Сепак, голем број споредни улици и пристапни патишта сѐ уште се покриени со снег.

Иако снегот престана да паѓа во Сараево преку ноќта, утринските часови донесоа дополнителни тешкотии поради мразот.

Главниот градски пат е расчистен, но околните улици и премини остануваат покриени со снег. Возачите се повикуваат да бидат максимално внимателни.

Федералниот хидрометеоролошки завод за денес најави облачно време со дожд во Херцеговина, додека во Босна се очекуваат дожд и снег. Во наредните денови се предвидуваат обилни врнежи од дожд, особено во Херцеговина и југозападна Босна, со можно зголемување на нивото на водата во реките и ризик од локални поплави.

БИХАМК потсетува дека зимската опрема е задолжителна за сите возила во Босна и Херцеговина. Проблеми се регистрирани и на неколку патни правци, вклучувајќи ги Брадина и патот Јабланица – Блидиње, додека сообраќајни метежи и подолги застои се регистрирани и на бројни гранични премини.

Надлежните служби и институции апелираат до граѓаните да бидат дополнително претпазливи, да ги следат временските прогнози и да ги почитуваат препораките, со оглед на најавените нови врнежи и можноста за понатамошни компликации.

Read Previous

Пет деца настрадале од петарди на Нова година, кај дел од нив била извршена ампутација

Read Next

Ова се сите неработни денови во 2026