January 6, 2026

Пет деца настрадале од петарди на Нова година, кај дел од нив била извршена ампутација

Со презентацијата на директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска Министерството за здравство ја заокружи едукативната кампања за подигнување на свесноста за опасностите од употреба на пиротехнички средства, што се реализира под мотото „Создавај спомени без повреди – кажи НЕ за пиротехнички средства“.

– Денес уште еднаш сакаме да укажеме на опасноста од нивно недозволено користење. Затоа уште еднаш упатуваме апел до граѓаните да не се користат пиротехнички средства за преостанатиот дел празниците, кои може да доведат до сериозни последици по здравјето и до траен инвалидитет. Петардите не се играчка, нивното користење е забрането, можат да предизвикаат сериозни повреди на очите, на дланките, изгореници и тешки повреди на телото како резултат на недозволено користење пиротехнички средства, порача од ресорното министерство.

Во рамките на кампањата беше воспоставена поширока меѓуинституционална соработка и координација, во која активно се вклучија доктори од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, матични лекари, студенти по медицина и специјализанти, како и претставници од Министерството за внатрешни работи. Преку заеднички план на активности и усогласени едукативни пораки, во текот на декември, минатата година, беа одржани предавања во 137 основни и средни училишта во 27 градови низ државата, со кои беа опфатени 14 илјади ученици.

– И покрај вложените институционални напори и обемот на едукативните активности, пораката мора да се повторува, затоа што последиците од недозволената употреба на пиротехнички средства и понатаму се реални. Лекарите посочуваат дека за време на новогодишната ноќ кај седум лица (двајца возрасни и пет деца) било интервенирано заради посериозни повреди на врвовите на прстите, извршена била ампутација на дел од прсти, со рани и изгореници на дланките. Од нив, три деца биле примени во Ургентниот центар, двајца возрасни на Клиниката за пластична хирургија и две деца на Клиниката за детска хирургија. Овие седум интервенции се потсетник дека за секоја повреда следуваат процес на лекување и трајни последици, беше информирано на денешната прес-конференција. 

– Фактот дека меѓу повредените има деца, кај дел од нив била потребна ампутација, доволно зборува за тежината на последиците врз здравјето. Затоа, упатувам посебен апел и до родителите да не дозволуваат пиротехника во рацете на нивните деца и празниците да ги завршат со насмевки, а не во хируршки сали, уште еднаш нагласија надлежните. 





Skopjeinfo

Read Previous

ЈСП сподели важни информации во врска со возниот ред за време на празниците

Read Next

Снегот предизвика проблеми во БиХ: Едно лице загина во Сараево