December 23, 2025

Муцунски: Нема да примаме мигранти, ниту одбиени баратели на азил од Обединетото Кралство

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски смета дека темата за прием на одбиени баратели на азил во земјава, шпекулативно ја отвориле медиуми од Обединетото Кралство, и тоа не само за Македонија.

Таква дискусија и намера од нашата влада ниту имало ниту ќе има, вели Муцунски во интервју за 360 степени на МТВ.

– Во ниту една форма, и легални и нелегални, вакви, такви, никакви мигранти нема да бидат примени во нашата држава врз основа на која било форма на договор со Обединетото Кралство…Ниту одбиени баратели за азил. Ниту ќе бидат во посебни… кажавме дека нема да има посебни центри, па видов опозицијата почна да шири хистерија – „да, нема да бидат во посебни центри, ќе бидат во станови“. Ни тоа, ни тоа нема да го има. Значи, никаков пакет поврзан со мигранти или одбиени баратели на азил нема оваа влада да склучи, ниту преговарала за такво нешто, ниту имала намера да преговара за такво нешто. Значи, се работи за целосно креирана лажна вест којашто на еден безобразен, штетен начин, се ширеше од главната опозициска партија во државата, нагласи министерот.

На прашањето дека појдовната основа за целата дебата била информација објавена во британски медиуми Муцунски посочува дека тоа не е спорно, но додава дека и покрај тоа што демантирале најповиканите во државата – претседателката, премиерот, министерот за надворешни и министерот за внатрешни работи, опозицијата сè уште ја шири таа паника. 

Read Previous

Грција воведе сообраќајни камери со вештачка интелигенција

Read Next

Учебната година ќе продолжи без предвремено распуштање поради загадувањето