Учебната 2025/2026 година ќе продолжи според планираниот календар, и учениците ќе следат настава до крајот на месецов пред да заминат на зимски распуст, без предвремено скратување на учебните денови поради загадувањето на воздухот.
Министерката за образование, Весна Јаневска, денеска изјави дека во моментов нема информации дека здравјето на учениците е загрозено и дека не претставува проблем доколку од здравствени причини отсуствуваат ден-два од настава. Таа нагласи дека треба да се избегнуваат негативните практики од минатото, кога учебните денови се скратувале од различни причини.
„Жал ми е што морам да направам груба споредба, но во некои европски земји децата и кога имаат грип, и во градинки и на училиште, одат на настава се додека нивното здравје не е загрозено. Ова го истакнувам за коментарите дека нашите деца многу учат и се оптоварени – не, не се. Доколку здравјето им е во прашање, лекарите и родителите ќе одлучат за тоа, но ако не е ништо сериозно, отсуството од ден-два не е проблем. Би било проблем, како што се случувало во минатото, да ги скратуваме учебните денови или да отсуствуваат учениците поради одмор или подготовки за писмени. Тие негативни појави полека ќе треба да ги отстраниме. Но, секогаш ќе одлучуваме во корист на здравјето на учениците“, рече Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Економскиот факултет на УКИМ.


