Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во постапката за издавање лиценци и категоризација на угостителските објекти, укажувајќи на недоволна законска контрола и отсуство на клучни механизми за надзор.
„Законот не предвидува задолжителна проверка на исполнувањето на минимално-техничките, санитарно-здравствените, противпожарните и еколошките услови пред издавањето на решенијата за категоризација и лиценците за работа на угостителските објекти, ниту механизам за проверка на отпочнување со работа. Исто така, не се предвидува задолжителен регистар за издадени лиценци за вршење на угостителска дејност“, велат од ДЗР.
Податоците од Министерството за економија покажуваат дека во текот на 2024 година биле издадени две лиценци за дискоклуб, четири за дискоклуби на отворен простор, 16 за кабаре, како и 31 решение за категоризација на ресторани и 42 за угостителски објекти за сместување. Во 2025 година, пак, биле одземени две лиценци за дискоклуб, една за дискоклуб на отворен простор и осум лиценци за кабаре, што дополнително ја отвора потребата од поефикасен и построг систем на контрола.
TV21

