Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“, којашто под нејзино покровителство се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.
На 8 Декември го чествуваме Свети Климент Охридски, нашиот најголем просветител и најверен ученик на Светите Кирил и Методиј. Споменот за охридскиот светител е врежан во колективната меморија не само на македонскиот народ, туку и на сето словенство. Како што неговиот лик ги краси нашите древни храмови, така неговото име го носат многу наши образовни, научни и културни установи.
Но, сте се запрашале ли што всушност значи неговото име? Етимологијата ни открива дека зад името Климент се кријат два латински збора, clemens, што значи смирен и clementia, што значи милостив. Во името Климент се сврзани смирението и милоста.
Смирението нè ослободува од потребата да доминираме и создава внатрешен мир што не зависи од околностите. Тоа ни помага да ги гледаме другите со почит, а не со страв или суета. Милоста, пак, го претвора внатрешниот мир во надворешно дејствување, поттикнувајќи разбирање наместо осуда, прошка наместо одмазда, грижа наместо рамнодушност. Таа е знак на вистинска сила бидејќи само посилниот може да биде милосрден. Заедно, смирението и милоста создаваат заедница којашто не се наметнува со страв и со интерес, туку се гради со доверба и со солидарност.
Житијата сведочат дека Св. Климент ги прегрнал овие две доблести како свое второ јас, како срж на својот идентитет. Со истото смирение со кое издржувал прогони од непријателите, Климент примал почести од кнезови и од цареви. Со милост му помагал на народот да се избави од материјалната и духовна сиромаштија.
Освен со својот живот, охридскиот Златоуст ги ширел доблестите и со своите слова. Постојано ги поучувал луѓето дека милостивите ќе бидат помилувани и дека треба меѓу себе да се почитуваат „со смирение, нелицемерно и со вистинска љубов“.
Тој ги вкоренувал овие вредности во брутално време на голема неизвесност, кога животот на обичниот човек бил осамен, суров и краток, кога луѓето биле оставени на милост и на немилост на локалните моќници. Токму кога е најтешко, добрите навики фаќаат најдлабок корен.
Затоа, овие две доблести, коишто не се само христијански, туку општочовечки и заеднички за многу религии, се темелот врз кои е издигнато најголемото и најтрајно Светиклиментово дело.
Писменоста ширена од Св. Климент им овозможува на луѓето да ги разберат книгите, a со тоа да се разберат и себеси, да научат дека не се одговорни само за сопствените животи, туку и за животот на заедницата. Откриле дека посилните се должни да ги заштитат послабите и дека личната благосостојба зависи од заедничкото добро. Луѓето од Климента научиле да се грижат за сираците и вдовиците, за болните и сиромашните, да бидат гостопримливи кон туѓинците и да имаат мир, независно од околностите. Развивајќи свест за заеднички идеи, вредности и цели, Св. Климент придонел населението да се преобрази во заедница поврзана со солидарност, водена од моралниот компас, а заедницата, пак, да прерасне во народ способен за создавање автентична култура и насочен кон заедничка надеж.
Затоа, народот го засакал Св. Климента како свој духовен татко, голем учител и верен заштитник. Под негово водство, нашите краишта, од политичка периферија прераснале во образовен, просветен и културен центар со древниот Охрид како духовна престолнина.
Охридската книжевна школа едуцирала 3 500 ученици кои станале учители на словенските народи. Од нејзините препишувачки центри произлегле раскошни ракописи коишто како временски капсули сведочат за континуитетот на македонскиот јазик.
Охридската архиепископија, освен духовно засолниште за народот, станала и заштитничка на уметниците. Под нејзина закрила славните неимари го хуманизирале просторот, градејќи во симбиоза со природата, а не наспроти неа. Генијалните зографи, ослободени од стегите на конвенциите, станале предвесници на ренесансата. Вештите резбари во дрво ги оживеале библиските сцени.
Не треба да заборавиме дека овие трајни вредности коишто оставиле печат врз европската цивилизација, се всушност плод на живот исполнет со смирение пред Бога и милост кон луѓето. И токму затоа опстанале 11 века, надживувајќи империи, династии, системи и идеологии.
Но, ако денеска погледнеме околу нас, колку од Светиклиментовите вредности ќе препознаеме во реалниот живот, во секојдневните меѓучовечки односи, во домот и во училиштето, на работа и на улица? Се прашувам и ве прашувам: Дали ќе ги искусиме во политичкиот, економскиот и медиумскиот простор? Дали македонското општество денес ги отсликува двете доблести кодирани во Климентовото име? Дали сме милостиви? Дали имаме мир?
Ако сме милостиви, тогаш зошто има толку суровост меѓу нас? Зошто творечкиот збор го претворивме во оружје за ad hominem напади? Зошто, наместо да се сплотиме, ние се поделивме околу најважните прашања од национален интерес? Меѓу последните сме во Европа по нивото на волонтерство и имаме епидемија на малодушност и рамнодушност, вклучително и кон лични и колективни трагедии.
Свесна сум дека, делумно, овие состојби се должат и на децениските неправди со кои се соочуваме како народ и како држава, особено во нашите евроинтеграции. Направдата раѓа огорченост, гнев, недоверба, песимизам и цинизам. А сето тоа ги поткопува темелите на македонското општество. Токму примерот на Св. Климент нè поучува на отпор против овие појави.
Важиме за мирен, кроток народ, но дали имаме мир? Денот ни започнува и завршува со црна хроники, со вести за семејно и врсничко, вербално и физичко насилство коешто често кулминира дури и со убиства, па и со фемициди. Дали имаме мир додека сведочиме за егзодусот на нашите млади во странство? Овие прашања нè оставаат сите нас одговорните без сон, подеднакво, независно дали сме Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци или други, независно дали сме христијани, муслимани, Евреи или атеисти.
Дали имаме мир кога пред очи ни созрева анксиозна генерација израсната со мобилен в рака, следејќи го правилото „постирам, значи постојам“? Социјалниот психолог Џонатан Хајд предупредува дека оваа зависност го троши времето, го фрагментира вниманието, ја ослабува социјализацијата и го нарушува сонот на нашите деца. Велиме дека младите се нашата иднина, а дозволуваме алгоритмите да им изберат инфлуенсери коишто ќе ги формираат нивните карактери.
Залутани во виртуелните лавиринти, многумина се изолираат, поларизираат и отуѓуваат. Вештачката интелигенција ги засилува овие ефекти, всадувајќи чувство на нееднаквост и заменливост. Значи покрај добрата страна, може да има и лоша. Ова се случува во најкритичниот период, додека младите се изградуваат во личности, подготвувајќи се да преземат одговорност за своите животи.
Не го вперувам прстот кон младите бидејќи на почетокот тие се натпреваруваа со нашите мобилни телефони за НАШЕТО целосно внимание. Ете, дојде време кога ние, родителите и наставниците се натпреваруваме со мобилните телефони на децата и на учениците за НИВНОТО целосно внимание. Ова е меѓугенерациско отуѓување.
Не застапувам дигитален аскетизам. Дигитализацијата ни е неопходна за да бидеме развиена европска држава со квалитетни и со транспарентни јавни услуги, со конкурентна економија и современо, европско образование насочено кон истражување и развој. Но сето тоа треба да биде поткрепено со дигитална писменост и со одговорна употреба на технологијата. Во спротивно ќе се сведеме на дезориентирани конзументи на видеократијата и спектакл-демократијата.
Кога општеството го губи својот заеднички морален компас и тоне во аномија, поединците остануваат без структура којашто им помага да се снајдат во хаосот. Последиците се растечки стрес, депресија и зголемена употреба на лекови за смирување, за потиснување на таа јанsа којашто најсилно ги погодува младите и особено девојките. Ова не се мои зборови, туку заклучоци до кои пред повеќе од еден век дошол Емил Диркем, таткото на социологијата. Диркем учел дека без „заеднички систем на идеи, вредности и цели што нè обединуваат, општеството се сведува на купче песок што и најслабиот ветар може да го разнесе“. Без заедничка цел, нема ниту вистинска заедница, туку разединети групи поделени врз политички, етнички, верски или други основи.
Која е нашата заедничка цел? Кои се нашите споделени вредности?
Некој ќе рече дека попусто бараме смирение во ера на расеаност и тиранија на ургентното, кога се ни се случува одеднаш. Или, дека залудно бараме милост во време на војни и на бројни економски, еколошки, социјални и безбедносни кризи.
Пред нас е голема задача: да ја спречиме фрагментацијата на македонското општество со тоа што одново ќе ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата. Како и во Климентовото време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот, сплотени околу општото добро.
Ние не знаеме дали Св. Климент сам си го одбрал своето духовно име. Но, знаеме дека името го добил во чест на Климент Римски, чиишто мошти Кирил и Методиј ги пронашле за време на Хазарската мисија и ги понеле со себе во Рим, како дар за папата Андреј II.
Во едно свое писмо, Климент Римски предупредува на опасноста од поделбите и ја нагласува важноста на единството. Кога зборува за карактерот на заедницата, тој вели: „Длабок и богат мир им беше даруван на сите со непоколеблива ревност за правење добро“. Тоа е порака и за нас денес. Да се натпреваруваме во добрина, служејќи ѝ на заедницата, служејќи му на општеството. И со тоа, да ја направиме македонската држава пристојно место за живеење.
TV21


