June 5, 2026

Мицкоски од Тиват: Процесот на проширување на ЕУ е жив, но нема да го жртвуваме националното достоинство

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, по средбите со европските лидери од Тиват изјави дека процесот на проширување на Европската Унија (ЕУ) повторно е актуелен и дека земјата останува посветена на европските интеграции, но без отстапување од националното достоинство, јавува Анадолу.

Мицкоски пред Самитот Западен Балкан – Европска Унија информираше дека имал конструктивна средба со германскиот канцелар Фридрих Мерц, при што разговарале за европската перспектива на земјата и за процесот на проширување на ЕУ.

„Ова се моменти кога Европската Унија јасно кажува дека процесот на проширување станува жив. Она што е наша задача како Влада е тој процес да го сочуваме и да го напредуваме, но истовремено да не го изгубиме достоинството, како што беше тоа случај во минатите децении кога станува збор за македонските аспирации за членство во ЕУ“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека целта на Владата е Северна Македонија да стане држава што ќе испорачува најмногу реформи, притоа останувајќи фокусирана на европската агенда и зачувувањето на националните интереси.

„Имавме прилично конструктивна средба. Многу сум задоволен од разговорот“, рече премиерот, осврнувајќи се на средбата со германскиот канцелар.

Мицкоски изрази задоволство и од разговорите со францускиот претседател Емануел Макрон и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Како што посочи, на средбите биле отворени и прашањата поврзани со уставните измени.

Тој повтори дека ставот на Владата по ова прашање останува непроменет, додавајќи дека голем дел од земјите членки на Европската Унија ги разбираат позициите на Северна Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање дали може да се очекува напредок во пристапниот процес, Мицкоски рече дека е охрабрувачки што лидерите на земјите членки испраќаат порака дека проширувањето повторно е жив процес.

„Процесот на проширување е жив и добро е што денес таа порака ја испраќаат лидерите на земјите членки“, изјави Мицкоски.

Read Previous

Инвестиции од преку 350 милиони евра во општините, 25 милиони евра за реконструкција на улици и патишта