June 5, 2026

Европа бара бакар, во Македонија развојот на рударството го кочат теории на заговори

Додека европските држави и институции бараат начини да обезбедат сигурни извори на критични минерали, во Македонија многу рударски проекти остануваат предмет на политички и идеолошки пресметки.

Бакарот денес е една од најбараните суровини во светот, а неговото значење дополнително расте поради електричните возила, енергетската инфраструктура и дигиталната економија. Наместо дебатата да се води околу тоа како да се обезбедат највисоки еколошки стандарди, таа често завршува со пораки дека во Македонија не треба да се отвори ниту еден нов рудник, без разлика на околностите.

Ѓорѓи Георгиески од „Зелена народна стража“ во неодамнешното издание на емисијата „Студио 10“ истакна дека бруто-домашниот производ од веќе отворените рудници претставувал „болест и смрт“.

„За таков ли бруто домашен производ зборуваме? Да ни ја раскопаат цела струмичка котлина? Да ни го раскопаат Кожуф? Да ни ја раскопаат цела источна Македонија од Крива Паланка до Гевгелија? Добро знаеме дека во 2014-тата година, тогашна власт дала одобрение за бушотини на 80 локации. Значи таму се направени од 300 до 500 бушотини на различни точки…“, изјави Георгиески.

Наспроти ваквите тврдења, уделот на рударството во индустриското производство и вкупниот БДП тоне и постојат само четири рудници за металични суровини отворени пред децении – Тораница, Злетово, Саса и Бучим – Боров дол.

Инвестициите за рудници на Кожуф и во Казандол одамна пропаднаа, а единствена сериозна најава во моментов е во рудник за бакар во Иловица. Инвеститорите во овој рудник најавија почетна инвестиција од 340 милиони евра и зголемување на БДП за 3% на годишно ниво, просечна вредност на извоз од околу 180 милиони евра на годишно ниво и 500 директни и над две илјади индиректни вработувања.

Сепак, додека Европската Унија стимулира отворање на рудници на европско тло и финансира инвестиции во Португалија, Финска, Полска, Германија и други западни држави, според активистите, постоела агенда и надворешни влијанија кои сакале Балканот и Македонија да ги претворат во „рударска колонија“.

„Сега влегуваме во големото финале на нечија надворешна агенда, наречена Агенда 20 и 30, а за неа кој сака повеќе да разбере нека гледа што се случуваше во Ѓавос, односно во Давос во Швајцарија и се случува после новогодишните празници. Оттаму произлегуваат сите овие манџи, тие се готвачите, односно ова што сега се случува може да го запре само обичниот народ“, потенцира еко-активистот Георгиески.

Покрај ваквите завери, тој додаде дека отворањето на едно рударско окно значело директна смрт за илјадници судбини.

„Ние сакаме обичниот македонски граѓанин да добие поширока слика дека ова е еден суров план, кој е планиран и дојден од надвор и станува збор за една многу сурова и многу погубна политика која нас ќе не чини директно живот, преку нашето здравје. За разлика од сите окупации кои сме ги доживеале како нација, како народ, како етнос, еве да не се враќаме многу далеку, дали Османлиско, дали фашистичко… тоа било окупација на една територија и искористување на трудот на тоа население коешто живее на таа територија и административно управување за нивна цел. Сега станува збор за нешто многу поопасно, каде ни се нападнати директно ресурсите без кои не може да живее ниту едно живо суштество“, посочи Георгиески.

Тој исто така нагласи дека не сака дебати за темата со „господата во костуми, кои ги носат овие одлуки, кои ги нарекува сеачи на магла“. Од друга страна, експертите во областа се водат од логиката и институционалните процедури и регулативата кои налагаат строги правила за рударската индустрија.

Неодамна, советникот во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Филип Петровски во изјава за Телма нагласи дека додека не се исполнат сите критериуми согласно европските регулативи и директиви не може да се добие дозвола за експлоатација. „Експлоатација на стратешките минерални суровини, како и на сите останати, сега се врши со најсовремени светски методи на откопување и методи на заштита на животната средина. Јас слободно, како многу искусен во оваа област, можам да кажам дека граѓаните не треба да бидат загрижени, заради тоа што ние ќе ги преземеме сите мерки за заштита на животната средина“, вели Петровски.

Тој заклучи дека највисоките светски стандарди веќе се применуваат согласно Законот за минерални суровини, а во изработка е и Законот за рударство којшто е комплетно усогласен до европската регулатива и европските директиви за заштита на животната средина и останатите светски директиви за користење на најсовремени методи.

Read Previous

Започна Самитот на Европската Унија и Западен Балкан во Тиват

Read Next

Инвестиции од преку 350 милиони евра во општините, 25 милиони евра за реконструкција на улици и патишта