Илјадници граѓани вчера излегоа на протест во центарот на Софија, спротивставувајќи се на новиот нацрт-буџет што Владата го достави до Парламентот.
Протестот, организиран преку социјалните мрежи по повик на реформската партија Продолжуваме со промената (ПП), започна на Плоштадот на независноста, каде што се наоѓаат зградите на Собранието и Владата.
Демонстрантите извикуваа слогани против Владата на премиерот Росен Желјазков и против владејачката коалиција.
Толпата ги блокираше влезовите на Парламентот и се обиде да спречи дел од пратениците да ја напуштат зградата по завршувањето на пленарната седница.
За време на тричасовниот протест, учесниците, кои носеа бугарски и европски знамиња, протестираа против трите партии што ја сочинуваат коалициската влада – Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бугарска социјалистичка партија (БСП) и партијата Има таков народ (ИТН).
На удар беше и партијата Движење за права и слободи – Нов почеток, која ја поддржува Владата однадвор.
Нацрт-буџетот, кој за првпат е изготвен во евра поради планираниот премин од лев во евро на 1 јануари 2026 година, се соочува со остри критики.
Според противниците, социјалниот сектор е најпогоден, поради повисоките социјални придонеси, недостигот од контрола врз јавната потрошувачка и ризикот од „замрзнување“ на доходите, иако се предвидени зголемувања на пензиите и платите во здравството.
Критичарите сметаат дека буџетот е проинфлаторен и не ги решава системските слабости во здравството и правосудството.
И покрај засилените безбедносни мерки, протестот заврши мирно, откако пленарната седница на Парламентот траеше подолго од очекуваното, по што демонстрантите се разотидоа.


