November 15, 2025

Скопје ќе добие новогодишно украсување и организирана прослава во вредност од 70.000 евра

Иако во буџетот за 2025 година првично не беа планирани средства за оваа намена, бидејќи поранешната градоначалничка Данела Арсовска не распишувала тендери за украсување, градот реши дека Скопје овојпат нема да остане без празнична атмосфера. Последните години главниот град се украсуваше само десетина дена пред Нова година, а јавноста често остануваше без информации кој го вршел украсувањето и како било платено.

На седницата, советничката од СДСМ, Кети Штерјова, побара појаснување од градоначалникот.

„Градоначалник, најавивте украсување и новогодишна прослава. Тоа е за поздравување доколку станува збор за умерено трошење, но не ни е јасно од која ставка во ребалансот се одвојуваат пари за изведувачите и колкава е сумата“, праша Штерјова.

Ѓорѓиевски одговори дека точната програма од која ќе бидат пренасочени средствата сè уште не е дефинирана, но увери дека финансискиот план е рационален.

„За прослава на Нова година ќе има 70.000 евра. Сметам дека тоа не е премногу и дека е сосема нормално за да имаме една достоинствена прослава за скопјани“, рече градоначалникот.

Од Град Скопје најавуваат дека деталите за програмата, изведувачите и концептот на украсувањето ќе бидат објавени во наредните денови.

Read Previous

37 советници гласаа За: Усвоен ребалансот на Буџетот на Град Скопје