November 5, 2025

Евроамбасадорот Рокас во Собранието го презентираше Извештајот на ЕК за Северна Македонија

Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, денес го презентира Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата за 2025 година на претседателот на Собранието, Африм Гаши.

На средбата, според прес-службата на Собранието, биле поканети потпретседателите, координаторите на пратеничките групи, генералната секретарка на Собранието и Кабинетот на претседателот на Собранието.

Во извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, кој беше објавен денеска, меѓу другото се наведува дека потребни се понатамошни брзи и решителни дејствија во однос на почетните критериуми, во согласност со преговарачката рамка, со цел отворање на првиот кластер што е можно поскоро, кога ќе бидат исполнети релевантните услови.

Се додава дека Северна Македонија продолжила со својата работа на мапите на патото за владеење на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на акцискиот план за заштита на помалубројните заедници.

„Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, преку заштита на судската независност и интегритет, како и зајакнување на борбата против корупцијата“, се наведува понатаму во Извештајот.

Се додава дека земјата, исто така, треба да ги усвои потребните уставни измени со цел да ги вклучи во Уставот граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите „како што е наведено во Заклучоците на Советот од јули 2022 година, кои земјата се обврза да ги започне и постигне“, се нагласува во Извештајот.

Read Previous

Советникот на ТДП во Општина Чаир, Саит Алеиви, го доби својето уверение

Read Next

Сиљановска-Давкова го прими Извештајот на ЕК за напредокот за 2025 година