October 13, 2025

141 болни и немоќни лица ќе гласаат на 18 октомври

Општинската изборна комисија во Битола претпладнево на седница утврди 141 болни и немоќни лица кои ќе гласаат на 18 октомври.

Претседателот на ОИК Битола Талевски истакна дека пријавувањето на лицата заврши синоќа, а ОИК Битола претпладнево ги потврди домашните адреси на сите болни и немоќни лица.

-Во законски определениот рок до ОИК Битола пристигнаа 151 апликација за гласање ден порано, односно на 18 октомври. Ние, членовите на ОИК Битола ги разгледавме сите барања и утврдивме дека право на глас во домашни услови имаат 141 болно и немоќно лице. За сите нив ќе ги обезбедиме законските услови за непречено гласање, изјави Талевски.

Од ОИК Битола информираа дека в сабота на 18 октомври ќе биде организирано гласање во старските домови и затворот во Битола.

-Новина оваа година е што освен во старски дом „Сју Рајдер“ ќе се гласа и во старски дом „Софија“. Во старскиот дом „Сју Рајдер“ право на глас имаат 60 стари лица, додека во старскиот дом „Софија“ ќе гласаат 37 лица. Според вообичаената пракса, в сабота на 18 октомври ќе се гласа и во битолскиот Затвор, посочи Талевски.

Како што е познато на овие локални избори во Битола конкурираат 8 кандидати за градоначалник и 16 листи со кандидати за членови на Советот на Општина Битола. 

Read Previous

Косовската претседателка Османи му го додели мандатот на Албин Курти за формирање на новата влада

Read Next

Трговците се жалат на недостиг од купувачи – пиперките за ајвар во Кичево до 50 денари за килограм