
Турција ја презеде од Италија командата над Мировните сили на НАТО во Косово (КФОР) на една година.
На церемонијата на примопредавање, која се одржа во седиштето на КФОР во Приштина, главниот град на Косово, присуствуваа косовската претседателка Вјоса Османи, премиерот Албин Курти, началникот на Генералштабот на Турција, генерал Селчук Бајрактароглу, командантот на Здружените сили на НАТО во Неапол, адмирал Стјуарт Бенџамин Мунш, турскиот амбасадор во Приштина, Сабри Тунч Ангили и голем број гости.
Церемонијата започна со интонирање на турската и италијанската химна, а италијанскиот генерал-мајор Енрико Бардуани му ја предаде командата на КФОР на турскиот генерал-мајор Озкан Улуташ.
Во својот говор на церемонијата, претседателката Османи рече дека КФОР е камен-темелник на мирот и стабилноста во Косово и регионот повеќе од две децении.
Истакнувајќи дека косовскиот народ се залагал за вредностите на слободата, демократијата и колективната безбедност низ историјата и денес, Османи рече:
„Нашата желба да се приклучиме кон НАТО не е само стратегиски избор; тоа е одраз на тоа кои сме. Во време кога заканите за мирот се зголемуваат, алијансата е посилна кога е со партнери што навистина ја докажаа својата посветеност, а отпорноста, реформите и решителноста на нашите луѓе во Косово постојано го покажуваат тоа.“
Генерал-мајор Улуташ рече дека нивен приоритет е да осигурат безбедна средина и слободно движење за сите заедници што живеат во Косово и додаде:
„Подготвени сме и целосно решени да ја исполниме нашата должност за траен мир и регионална стабилност во Косово.“
Улуташ изјави дека се подготвени да одговорат на какви било безбедносни случувања во Косово и ја нагласи својата поддршка за процесот на дијалог меѓу Косово и Србија, кој го опиша како „пат кон стабилност“.
Ова е втор мандат за генерал-мајор Улуташ како командант на КФОР, кој оваа функција ја извршуваше и во периодот 2023-2024 година.
КФОР, кој ја започна својата мисија во Косово на 12 јуни 1999 година, во согласност со резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации за осигурување безбедност и стабилност, го сочинува меѓународен воен персонал од над 4.500 лица од 33 земји членки на НАТО и надвор од НАТО.
Турските војници служат во Косово како дел од КФОР од 1999 година.