October 4, 2025

Македонското небо ќе биде затворено за сообраќај на 20 и 24 октомври – контролорите на летање најавија штрајк

Македонскиот воздушен простор ќе биде целосно затворен за авионски сообраќај на 20 и 24 октомври, поради штрајк на контролорите на летање во М-НАВ, објави 24Инфо повикувајќи се на синдикални извори.

Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) повторно ја активираше одлуката за штрајк, обвинувајќи го менаџментот дека не ги исполнил претходно дадените ветувања и дека состојбата во претпријатието е сериозно загрижувачка. Според нив, клучни кадровски решенија намерно се блокираат, а системот е на работ на колапс.

Од синдикатот нагласуваат дека 20 октомври е намерно избран како датум за почеток на штрајкот – по завршувањето на локалните избори – за да не може раководството да го претстави како политички мотивиран.

Контролорите доставија три главни барања:

  • итно стопирање на партиските вработувања во М-НАВ,
  • дозвола од Министерството за финансии за распишување огласи за нови контролори и инженери,
  • распишување тендер за избор на независна меѓународна агенција која ќе направи функционална анализа на потребите на претпријатието.

Штрајкот првично беше најавен за 10 јули, но тогаш беше одложен поради, како што велат синдикалците, „одредени позитивни чекори“ на менаџментот. Бидејќи ветувањата останале нереализирани, контролорите повторно се решија за радикален потег.

Доколку не се постигне договор, штрајкот ќе продолжи секој понеделник и четврток – што значи затворање на воздушниот простор најмалку двапати неделно, сè додека не се исполнат барањата.

ССКЛМ дополнително предупредува за притисоци од страна на раководството врз вработените со цел да се спречи нивното учество во синдикални состаноци и активности.

„Нашата цел не е блокада на системот, туку професионален и одржлив М-НАВ во кој ќе се вработува исклучиво стручен кадар, а не по партиска линија“, порачаа од синдикатот.






PRV

Read Previous

Турција ја презеде командата над Мировните сили на НАТО во Косово

Read Next

Тројца загинати во катастрофалните поплави во западна Бугарија