Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, во Брисел оствари средба со генералниот директор за проширување и источно соседство при Европската комисија (ЕК), Герт Јан Копман.
Како што објави на социјалните мрежи Мицкоски, во фокусот на разговорите биле европската перспектива на земјата, напредокот во реформските процеси и следните чекори во пристапувањето кон Европската Унија (ЕУ).
„Нашата определба за членство во Европската Унија е јасна и недвосмислена. Македонија заслужува европска иднина, заснована на принципиелни односи, почитување и заштита на националните интереси, како и доследно спроведување на реформите во интерес на граѓаните“, изјави тој.
Тој нагласи дека земјата продолжува со спроведување на реформската агенда, одговорна политика и работа за остварување на визијата за европска, стабилна и просперитетна Северна Македонија.
Мицкоски се наоѓа во Брисел, каде што ќе учествува на Форумот за проширување на ЕУ.


