November 17, 2026

Шумската полиција се засилува со 81 нов полицаец – засилени контроли против дивата сеча


Шумската полиција добива нови човечки ресурси во пресрет на грејната сезона, кога се очекува зголемен притисок врз шумското богатство во земјава.

На свеченост во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска беа доделени уверенија за успешно завршена шестмесечна обука на 81 шумски полицаец и еден заменик-командир.

Министерот Борче Серафимовски истакна дека со новите кадри ќе се зголемат капацитетите на Шумската полиција за спроведување теренски контроли, спречување на бесправната сеча и откривање незаконски транспорт и продажба на огревно дрво.

Серафимовски им порача на новите припадници на Шумската полиција да постапуваат професионално, одговорно и во согласност со законските овластувања.

– Законот треба да важи подеднакво за секого, без оглед на името или функцијата. Држете се до фактите и постапувајте во рамките на своите законски овластувања. Ја имате целосната моја поддршка во борбата против криминалот со нашето шумско богатство – порача министерот.

Со кадровското зајакнување на Шумската полиција се очекува поефикасна борба против шумскиот криминал и поголема заштита на природните ресурси.

Read Previous

Косово ја забранува трговијата со електрична енергија со српски компании