
Од 2 октомври 2025 година започнува грејната сезона 2025/2026 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во Скопје, кој го управува АД ЕСМ.
Иако официјалниот почеток на сезоната е на 15 октомври, регулативата овозможува сезоната да започне порано ако средната надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12˚С. Според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи, за 2 октомври се очекува средна температура од 10˚С, што ги исполнува условите за почеток на снабдувањето со топлинска енергија, согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ.
До 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден.
АД ЕСМ апелира до сите корисници да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации, а заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап до топлинските потстаници и редовно електрично напојување. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.
Потрошувачите можат да проверуваат дали нивниот објект се наоѓа на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина, достапен на линкот „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“. За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, корисниците можат да се јават на телефонските броеви: 02 3076 200 и 075 400 100.
TV21