
Осумдесет и пет отсто од донациите во јавното здравство, се состојат од медицински материјали, вклучувајќи лекови, вакцини, апарати за некои јавни здравствени установи и други материјали, вели Министерството за здравство. Министерството воведен нов електронски модул за евиденција donacii.zdravstvo.gov.mk и овозможува детален преглед на секоја донација во периодот од 2024-2025, со наведени податоци за донаторот, вредност на донацијата, како и информации за предметот на донацијата, односно дали се донирани медицински материјали, апарати. Евидентирани с 424 донации од 338 донатори, во вредност од 6,654,970 евра (407,949,661 денари).
Целта е, како што вели министерот за здравство Азир Алиу, да се обезбеди координација и одобрување на донациите, а воедно да се избегнат ситуации кога пристигнува апаратура со различни оперативни системи или опрема за која нема достапни резервни делови и сервис во земјава.
„Од самиот модул се гледа дека донациите доаѓаат од широк спектар донатори – од меѓународни институции и организации, држави и хуманитарни фондации. Токму нивната поддршка е клучна потврда за довербата и значењето што го има нашиот здравствен систем. Досега во модулот се евидентирани над 400 донации, процесот на регистрирање сѐ уште е во тек и оваа бројка ќе биде уште поголема, што зборува за тоа дека расте довербата на меѓународните партнери и пријателски држави во нашиот здравствен систем“, изјави Алиу.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) во мај објави извештај во кој, меѓудругото, стои дека современа медицинска опрема вредна 13 милиони евра не се користи во јавното здравство поради необезбедени кадровски и просторни услови.
Ревизијата на успешност на тема „Искористеност на современа медицинска опрема“ на почетокот вели дека иако во изминатите три години е постигнат напредок во регионалната распределба на современата медицинска опрема и зголемување на бројот на здравствени услуги, дел од опремата сè уште не е ставена во употреба или не се користи доволно, главно поради недостиг на стручен кадар и соодветни просторни услови, што влијае врз достапноста и квалитетот на здравствената заштита на граѓаните на ниво на целата држава.
Набавката на нова современа медицинска опрема за јавни здравствени установи (ЈЗУ), било со буџетски средства или преку проекти, не секогаш се вршела врз основа на критериуми за утврдување на приоритети за потребите, ниту била извршена соодветна анализа и координација за просторни услови, придружна опрема и стручен и обучен кадар за работа со истите. Во анализираниот период 2021-2023 година за потребите на ЈЗУ набавена е медицинска опрема во вкупна вредност од 16,2 милиони евра финансирана со буџетски средства, средства од заем и донација. Поради ограничени буџетски средства, не е набавена дополнителната опрема потребна за користење на сите нејзини функционалности. За дел од набавените апарати е обезбедена основна обука од производителот, но е потребна и дополнителна специјализирана обука за одредени здравствени работници за да можат целосно да ја користат опремата. Вкупната вредност на медицинската опрема предмет на ревизија во опфатените ЈЗУ изнесува 57,7 милиони евра, од кои поголемиот дел или 68% се однесуваат на опрема што е ставена во употреба и често се користи над предвидените капацитети.
Исто така, опрема со вредност од 5,5 милиони евра не се користи во полн капацитет, ниту пак се искористуваат дополнителните функционалност.
SDK