
Воздухопловна драма се одвивала синоќа над грчкиот остров Крф, кога на „Боинг 757-300“ на германската авиокомпанија „Кондор ервејс“ му откажал десниот мотор непосредно по полетувањето кон Дизелдорф. Во авионот имало 273 патници и осум членови на екипажот, јави „Фикенњуз“.
Откажувањето на моторот се случило на надморска височина од околу 450 метри, додека авионот сè уште бил во фаза на искачување. Од десната страна избувнал оган, што било регистрирано и од жителите и туристите на островот, кои слушнале и силен звук налик на експлозија. На социјалните мрежи се појавија фотографии и видеа на кои јасно се гледа пламенот.
На аеродромот во Крф биле активирани сите протоколи за итна состојба, но пилотите одлучиле да продолжат со летот користејќи го само левиот мотор и да се пренасочат кон италијанскиот град Бриндизи, лоциран наспроти островот.
Германската телевизија RTL пренесува дека поради дефектот немало можност да се продолжи кон првичната дестинација – Дизелдорф, па затоа летот бил пренасочен.
Авионот безбедно слета во Бриндизи, без повредени меѓу патниците и екипажот, објави весникот „Вима“. Патниците биле сместени во хотел, каде ќе чекаат замена и продолжување на патувањето.