
Жителите на населбата Гази Баба, лоцирана под парк-шумата, веќе три месеци се соочуваат со сериозен проблем – речиси целосен прекин на водоснабдувањето. Граѓаните апелираат до ЈП „Водовод и канализација“, општина Чаир и до oпштина Гази Баба за итна и трајна интервенција, со цел конечно да добијат вода, која е основен предуслов за достоинствен живот.
Причината за проблемот е приклучувањето на нов магистрален водоводен цевковод, дел од поширок проект за унапредување на водоснабдителниот систем во главниот град. Од 31 мај, според соопштението на ЈП „Водовод и канализација“, неколку скопски населби требало да бидат без вода околу 15 часа. Сепак, од тогаш жителите на Гази Баба не добиваат редовно снабдување со вода, а тоа влијае директно на секојдневното живеење.
„Доаѓа вода само во раните утрински часови, околу 3-4 часот, со многу слаб интензитет, и до 6 часот веќе повторно нема вода. Семејствата се принудени да чекаат и да пополнуваат буриња, шишиња и кофи, доколку сакаат да имаат доволно вода за основните потреби. Се соочуваме со температура над 40 Целзиусови степени, а животот станува невозможен,“ велат жителите на населбата.
Граѓаните истакнуваат дека ова не е само технички дефект, туку сериозно нарушување на основните услови за достоинствен живот. Недостигот на вода го загрозува здравјето, хигиената, нормалното функционирање на домаќинствата и ги ограничува основните секојдневни активности, како миење алишта, садови или лично хигиенско одржување.
Со оглед на тоа дека станува збор за дел од градот со околу 150 куќи, кои се дел од општина Гази Баба но дел од нив се во склоп на општина Чаир, граѓаните се обратиле и до Чаир, но и оттаму нема одговор.
„Ова е срамно! Во 21 век да немаме вода за основните потреби. Ваквата состојба е нехумана, ја загрозува хигиената и здравјето на сите жители. Граѓаните не бараат луксуз, туку елементарни услови за живот – капка вода како што им следува по закон,“ изјави една од жителките на населбата.
Скопјани, како никогаш досега, се соочуваат со недостаток на вода за пиење и за секојдневните потреби. Жителите нагласуваат дека водоснабдувањето треба да биде континуирано и безбедно, како што гарантираат законите за водоснабдување и за заштита и спасување, а сегашната состојба ја класифицираат како вонредна.
Граѓаните на Гази Баба бараат брза реакција од ЈП „Водовод и канализација“, од Општина Гази Баба, општина Чаир и од Град Скопје, со цел да се воспостави нормално водоснабдување и да се надминат последиците од месеци без вода, во услови на екстремни летни температури.
24İnfo