
Македонија е рангирана на 6-то место во светот според привлечноста за странски инвеститори според обемот на „greenfield“ инвестиции во однос на бруто домашниот производ, информираат од Министерството за надворешни работи, повикувајќи се на извештај подготвен во последните 10 години од истражувачкиот оддел на Financial Times од Лондон. На прес-конференцијата, министерот Тимчо Муцунски објасни дека greenfield инвестициите подразбираат изградба на нови фабрики, капацитети и отворање нови работни места, додавајќи дека овој индекс покажува оти земјата привлекува повеќе нов капитал отколку што се очекувало.
– Знаеме што очекуваат граѓаните. Не аплаузи за статистика, туку правична држава и јасни правила. Подобро платени работни места и пониски трошоци, брзи дигитални услуги и континуитет во подобрувањата – и така и ќе биде. Затоа денес не велиме дека целта е постигната, туку дека од денес чекориме уште побрзо. Скратуваме рокови и ги поврзуваме домашните компании со странските инвеститори-вели Муцунски.
Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски, нагласи дека главни приоритети се економскиот раст, отворање на нови работни места и привлекување инвестиции со висока додадена вредност за економијата. Тој потенцираше дека крајната цел е структурна промена во начинот на привлекување инвестиции, со фокус на квалитет и додадена вредност, наместо на квантитетот и обемот на проектите – што претставува суштинска разлика што ја издвојува нашата земја од многу економии во минатото, но и денес во регионот.
– Според истиот извештај, Македонија е лидер во регионот на Адрија, односно пример за земјите од Западен Балкан, која ги надминала очекувањата кога станува збор за привлекување странски инвеститори. Сето ова е резултат на посветената работа, новите стратешки политики, реформите и активната промоција на државата како стабилна и атрактивна инвестициона дестинација-изјави Димовски.
Да потсетиме, во изминатата деценија странските инвеститори имаа даночни олеснувања од државата. Дури и во некои индустриски зони им се доделуваа парцели за користење без надоместок, минимални царински давачки, а во првите години од инвестицијата – придонесите за работниците ги покриваше самата држава.
TV21