July 15, 2025

Бугарија не го кочи патот на Северна Македонија кон ЕУ, чека исполнување на критериумот за рамноправност на Бугарите

Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека неговата земја „не го кочи“ европскиот пат на Северна Македонија, додавајќи дека соседната земја не ги исполнила Копенхашките критериуми за членство поврзани со почитувањето на човековите права.

Радев денес за време на посетата на Загреб, на покана на хрватскиот колега Зоран Милановиќ, рече дека Бугарија чека три години Северна Македонија да го исполни критериумот за рамноправност меѓу Бугарите и другите малцинства.

„Бугарија не ја попречува Северна Македонија на нејзиниот европски пат, туку Република Северна Македонија си го прави ова сама на себе бидејќи сè уште не сака да ги исполни Копенхашките критериуми за членство – меѓу кои е спорното почитување на човековите права и дискриминацијата. Веќе три години чекаме Северна Македонија да го исполни критериумот за рамноправност на Бугарите, но и на другите малцинства што живеат во таа земја. Немаме никакви дополнителни услови, освен оние што веќе се договорени, но сè уште не се исполнети“, изјави Радев одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека се работи за слични критериуми какви што се бараат за рамноправност на Хрватите во Босна и Херцеговина.

Хрватскиот претседател Милановиќ, одговарајќи на прашањето за односот меѓу ЕУ, Бугарија и Северна Македонија на патот кон членство, посочи дека прашањето за односите меѓу овие две земји е област на „интимни односи што треба да се решат билатерално“.

Милановиќ и Радев разговараа за европската перспектива на Украина и Западен Балкан, како и за европската безбедност и вооружување.

Односите меѓу Хрватска и Бугарија се пријателски и без предизвици, со многубројни културно-историски и политички врски што ќе продолжат да се продлабочуваат во голем број области, од безбедноста до економската соработка, туризмот и енергетиката, беше оценето по состанокот.

Бугарскиот претседател Румен Радев ги опиша Бугарија и Хрватска како фактори на стабилност во Југоисточна Европа и земји што го поттикнуваат проширувањето на Европската Унија кон Западен Балкан.

„Нашите сопствени заслуги остануваат клучен фактор за развојот на процесот на интеграција во Европската Унија и затоа за нас е важно земјите од Западен Балкан да покажат како се залагаат за вредностите на Европската Унија и да спроведат реформи во клучните сегменти на општеството, како што се борбата против корупцијата, слободата на медиумите и почитувањето на човековите права“, истакна Радев.

Милановиќ го критикуваше односот на Европската Унија со поединечни земји од Западен Балкан во споредба со односот на блокот со Украина.

„Не мислам дека станува сè поверојатно Украина да стане членка на Европската Унија. Ми се чини дека безобразието и цинизмот на одредени европски структури не престануваат и дека ова е единствен начин некои луѓе во структурите на ЕУ да останат на власт. Да се каже дека Украина е поблиску до членство во ЕУ отколку Црна Гора или Северна Македонија е навреда за тие земји. Ние ја уништуваме таа земја со години“, рече Милановиќ.

Тој нагласи дека Украина не напредува на боиштата и дека целта Украина воено да ја надмине Русија е целосно пропадната идеја. Тој оцени дека Украина била растргната најмногу од Русите, а потоа и од земјите од ЕУ со нивните неуспешни политики и дека идејата за приклучување на Украина кон НАТО води кон страдање на Украинците.

Зборувајќи за перспективата на Украина во европската интеграција, Радев истакна дека нема услови за одржување слободни избори во таа земја разорена од војна. Тој потсети на штрајковите на европските земјоделци што се спротивставија на отворањето на овој сектор од економијата за големиот украински пазар.

Радев рече дека ЕУ треба да направи повеќе за зајакнување на сопствената безбедност и одбрана преку развој на потенцијалот на НАТО и европскиот безбедносен систем, како и за развој на динамична и одржлива економија.

Милановиќ ги сподели хрватските искуства по влегувањето на Хрватска во Еврозоната, за што Бугарија интензивно се подготвува, нагласувајќи дека финансиите, валутата, се во центарот на секоја државност. Тој додаде дека сопствената национална валута е силен потенцијал за развој и заштита на сопствените интереси и опстанокот на државата.

„Негативен дел од хрватското искуство по усвојувањето на еврото се дивеењето и неурамнотежените цени“, рече Милановиќ.

Иако Бугарија сè уште не е членка на Еврозоната, размената на стока со Хрватска се зголеми за 50 отсто минатата година.

За време на престојот во Загреб, бугарскиот претседател Радев ќе се сретне и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и со претседателот на хрватскиот Парламент, Гордан Јандроковиќ, ќе положи венец на Споменикот на татковината, а ќе има средба и со претставници на бугарското национално малцинство во Хрватска.

Вториот ден од официјалната посета претседателот Радев ќе положи венец на бугарските воени гробишта во Вуковар, на спомен-обележјето на бугарските војници што загинале на крајот на Втората светска војна. Тој, исто така, ќе им оддаде почит на жртвите од Вуковар со положување венец пред Спомен-обележјето на жртвите од Татковинската војна на спомен-гробиштата.

Read Previous

Свечена церемонијата на доделување сертификати за летната школа организирана од здруженијата „Ќопру“ и „Енсар“