
Голем пожар вчера попладне го зафати грчкиот остров Тасос, кој е една од омилените летни дестинации за македонските туристи.
Огнот избувнал во шумски предел. Локацијата е меѓу популарните туристички места Потос и Пефкари. Силниот ветар придонел за брзо ширење на пламените јазици низ боровата шума, што предизвикало голема загриженост.
Пожарот предизвикал паника меѓу туристите. Како мерка на претпазливост, евакуиран е и еден хотел кој се наоѓал во близина. На социјалните мрежи се појавија драматични снимки од огнот и од чадот. На нив се гледа како туристите ги напуштаат плажите.
Според грчките медиуми, причината за пожарот е удар на гром. Громот удрил за време на сува бура што го зафатила островот вчера попладне. Во гаснењето учествуваа голем број на пожарникари, волонтери, како и авиони и хеликоптери.
Според последните информации, пожарот сега е во фаза на стивнување. Нема активни фронтови, но постојат многу мали, расфрлани жаришта. Поради силниот ветар, опасноста од повторно разгорување е сè уште голема. Воздушната поддршка ќе продолжи и денес. Во моментов, нема опасност за населените места.
Скопскоехо