Македонија, Албанија и Црна Гора во следните неколку недели би можеле да добијат дополнителни 338 милиони евра од Европската Унија во рамки на Планот за раст на Западен Балкан. Ова го најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по вчерашниот самит во Брисел.
Исплатата на средствата е поврзана со исполнувањето на обврските од реформските агенди на земјите од регионот. Според фон дер Лајен, досега се реализирани 63 проценти од предвидените реформски чекори, во споредба со 38 проценти пред една година.
Покрај финансиската поддршка, Европската комисија најави забрзување на економската интеграција на Западен Балкан во единствениот европски пазар, со што земјите од регионот би можеле да користат дел од придобивките на членството уште пред официјалниот прием во Унијата.
За граѓаните и компаниите тоа подразбира пониски трошоци за парични трансфери преку Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и перспективата за укинување на дополнителните трошоци за роаминг при престој во земјите членки на ЕУ.Преговорите за укинување на роамингот со Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово започнаа во октомври годинава. На почетокот на 2027 година, Брисел планира да започне и посебни дијалози со секоја земја од регионот за постепено вклучување во единствениот европски пазар.
Планот за раст на Западен Балкан располага со вкупно шест милијарди евра за периодот од 2024 до 2027 година, од кои две милијарди се неповратни средства, а четири милијарди се поволни заеми.
Европската комисија засега нема објавено колкав дел од најавените 338 милиони евра ќе ѝ припадне на Македонија, ниту прецизен датум за исплата на средствата.


