
Претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денес изјави дека Бугарија работела против земјата и дека денес светот е сведок на предизвиците и неправдите со кои се соочува државата, порачувајќи дека Северна Македонија е на вистинската страна од историјата.
Премиерот Мицкоски излезе со реакција откако Европскиот парламент го одобри Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година, во кој се избришани делови од текстот во извештајот каде што се спомнуваа „македонскиот јазик и идентитет“.
„Остануваме горди, со крената глава. Денес Бугарија работеше против нас. Денес светот виде со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ во 21 век. Денес комотно и на очиглед на сите, на Европа може да ѝ кажеме дека вистината излезе на виделина“, истакна Мицкоски на вонредна прес-конференција.
Тој нагласи дека земјата е блокирана на европскиот пат од Бугарија, но не отсега, туку уште од 1990 година.
„Таа има јасна агенда и план, водена е од мислата да ги уништи македонската нација и идентитет. Но да оставиме трага на вистината. Ова е борба за фундаметнална правда и вредности. Но оваа борба ниту почнува ниту завршува денес, сите овие перипетии, колку и да се трагични за Македонија, имаат успешна димензија“, нагласи Мицкоски.
Тој рече дека неправдите не се само идентитетски преку оспорување и предавство, туку се и социоекономски.
„Денес само методите се поинакви, но суштината е идентична. Никогаш нема да се соочиме со неправдите ако не ги именуваме, идентификуваме и победиме“, рече Мицкоски по повод гласањето во Европскиот парламент.
Европскиот парламент денес со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјата за 2023 и 2024 година. Пред гласањето по документот, беа усвоени амандманите предложени од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), со кои се избришани делови од текстот во извештајот каде што се споменуваа „македонскиот јазик и идентитет“.