
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес го пречека на средба државниот министер за надворешни работи на Катар, султан Бин Саад ал-Мураики, кој престојува во официјална посета на земјата.
Според соопштението од Министерството, посетата се оценува како потврда за споделените вредности и заемната посветеност на подинамичен развој на билатералните односи, со фокус на економските врски и трговската размена.
„На средбата стана збор и за севкупните односи меѓу двете земји и можностите за нивно натамошно унапредување, при што беше изразено задоволство од досегашната соработка, вклучително и во рамките на мултилатералните организации. Посебно внимание им беше посветено на развојот на економските и бизнис-релациите и на потенцијалот за унапредување на образовната и културната соработка“, се вели во соопштението.
Исто така, беа разгледани и прашања поврзани со унапредување на договорната рамка, повторно воспоставување на директната авионска линија Скопје-Доха, како и други форми на секторска соработка.
Во разговорот опфатени се и теми од регионален и меѓународен карактер, како и актуелни глобални предизвици од заеднички интерес за двете земји.