
Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, согласно Законот за управување со кризи, потпиша одлука за учество на дел од Армијата во гаснењето на пожарите.
Од Кабинетот на претседателката е соопштено дека вклучувањето на припадниците на Армијата следи по прогласувањето кризна состојба од страна на Владата.
Нагласено е дека Генералштабот на Армијата ќе го одреди начинот на ангажирање на Армијата.
„Претседателката е во тек со состојбата со пожарите и изразува загриженост и сочувство со засегнатите сограѓани“, се вели од Кабинетот.
Инаку, Владата вчера донесе одлука за прогласување на кризна состојба во времетраење од 30 дена на цела територија на државата поради зголемената појава на пожари.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево објави дека заклучно со 18:00 часот, на територијата на државата евидентирани се вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои 21 активни, а 4 изгаснати.
AA