
Од вчера стапи во сила договорот за заедничка гранична контрола на преминот Јажинце-Глобочица меѓу Северна Македонија и Косово.
На отворањето на заедничкиот премин меѓу двете соседни држави присуствуваа вицепремиерот и министер за животна средина на Република Северна Македонија, Изет Меџити, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, заедно со вршителот на должноста министер за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла.
Ова е втора имплементација на системот „One-Stop Shop” меѓу двете земји, откако на 12 април системот за заедничка контрола беше пуштен во употреба на граничниот премин Блаце-Елез Хан.
Вицепремиерот Меџити оцени дека меѓувладината седница која ја имаа двете држави е основата за ова достигнување.
„Како што беше со Блаце, сега сигурно и Тетово ќе биде поблиску до Приштина и обратно“, истакна Меџити.
Во меѓувреме, министерот Тошковски нагласи дека сега ќе има побрз трансфер на патници со Република Косово затоа што заедничката контрола е воспоставена на двата гранични премини, Блаце и Јажинце.
„Имплементирањето на оваа можност ќе продолжи и понатаму со Република Србија и со Република Албанија, така што ќе овозможиме буквално на сите оние граници на коишто е возможно да го имплементираме во најкус можен рок се со цел граѓаните во Балканот да може да комуницираат, да се движат и ги остваруваат сите оние права најбрзо што може“, истакна Тошковски.
Косовскиот министер Свечла за овој чекор рече дека е исклучително важен за граѓаните и дека е доказ за успешна соработка меѓу двете соседни држави и двете министерства за внатрешни работи.
„Врз основа на најдобрите вредности, ќе продолжиме со нашата заедничка работа што влијае и на зголемувањето на безбедноста за нашите земји и за целиот наш регион“, додаде Свечла.
AA