May 29, 2025

Се подготвува нов договор меѓу Македонија и Италија за реципрочно признавање на возачките дозволи

Надлежните служби во Министерството за внатрешни работи во контакт со соодветните полициски служби во Италија, интензивно работат на подготвување на нов билатерален договор за реципрочно признавање на возачките дозволи во двете земји, изјави Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Димоски за МИА вели дека претходниот договор е веќе ставен ад акта и се очекува во што е можно побрз рок новиот договор да биде целосно усогласен и потпишан од страна на ресорните министри на двете земји.

Новиот договор следува по големиот интерес, но и проблемите со кои се соочуваат печалбарите во Италија.

„Навистина сме на мака, може да управуваме возила со дозволи издадени од Република Македонија, но не и со оние кои се издадени под Република Северна Македонија, доколку во рок од една година, откако стануваме резиденти во земјата, не направиме промена од македонска во италијанска. Тоа не може да го направиме бидејќи за тоа нема нов билатерален договор“, велат печалбари за МИА.

Според нив македонските граѓани кои транзитираат низ Италија немаат никаков проблем да ги користат возачките дозволи, но проблемот настанува кога ќе аплицираат за престој.





Skopjeinfo

Read Previous

22 денари за километар, поевтино од такси – прва услуга за користење електрични автомобили

Read Next

Договорот со Велика Британија доби зелено светло од Комисијата за надворешни работи