
Литванија и Естонија решија да им забранат прелет преку нивниот воздушен простор на авионите со кои словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ ќе патуваат кон Москва за да присуствуваат на одбележувањето на 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна во Европа.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа изјави дека ваквата одлука е донесена од „безбедносни причини“.
– Безбедноста на сите луѓе што патуваат над Литванија, вклучувајќи ги и лидерите, е наш највисок приоритет, па затоа ја донесовме оваа одлука, истакна Науседа.
Естонското Министерство за надворешни работи соопшти дека „не доаѓа предвид“ користење на воздушниот простор на Естонија за „патување до Москва за парадата на 9 мај“.
– Естонија нема намера да го поддржи настанот на кој било начин. Покрај тоа, им нагласивме на нашите колеги од Европската Унија дека бидејќи Русија е земја што ја започна и ја продолжува војната во Европа, учеството во пропагандни настани организирани од нив треба да се исклучи, соопшти Министерството.
Според естонскиот јавен радиодифузен сервис ЕРР, властите во Рига веќе ги одбиле барањата од Куба и Бразил за прелет преку воздушниот простор на Естонија на авионите со кои нивните лидери ќе патуваат за Москва.
Третата балтичка република, Летонија, засега не најави ваква забрана, но порача дека учество на „пропагандниот настан на Кремљ на 9 мај“ е во очигледна спротивност со основните вредности на ЕУ.
– Летонското општество има кристално јасен став: руската пропаганда и глорификацијата на воените злосторства не смеат да бидат поддржани или охрабрени. Русија е агресор и мора да биде меѓународно одговорна за злосторството – агресија, соопшти Министерството за надворешни работи на Летонија.
Според најавите, покрај белорускиот претседател Александар Лукашенко, Фицо и Вучиќ ќе бидат единствените европски лидери што ќе присуствуваат на утрешната воена парада во Москва, со која се одбележува Денот на победата над фашизмот.
Поради војната во Украина ограничени се рутите за летови од Европа кон Русија над украинската територија, па авионите мора да летаат по заобиколни траси преку околните земји.
Kanal 5