април 2, 2025

Минимална плата од 24.400 денари стапи на сила

Владата го запази законскиот рок и одлуката за усогласување на минимална плата е потпишана од страна на министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Со потпишувањето, работодавачите во приватниот и во државниот сектор веќе можат да ги пресметуваат мартовските плати кои се усогласени со минималната плата и според Закон треба да се исплатата најдоцна до 15 април.

„Одлуката е потпишана во петокот и е објавена веќе во Службен весник, што значи слободно можат да се пресметуваат платите во буџетите и на јавните институции, меѓутоа и на приватниот сектор. Минималната плата, знаете дека се одредува по формула од Законот за минимална плата. Што значи околу 1.800 денари е зголемувањето на платата и би дошла некаде околу 24.400 денари“, вели Марјан Ристески.

За ова зголемување на минималецот има обезбедено средства во државниот буџет. Инаку, Ристески вели дека министерот има потполно законско право да ја потпише одлуката, иако во Законот за минимална плата сè уште стои дека неа ја потпишува Министерот за труд и социјална политика, нешто што веќе не постои по преминувањето на секторот труд во Министерството за економија.

„Сметуваме дека се е регуларно и има законска основа, тоа е само техничка промена по ЗОРО – то на Законот во однос на изразите. Меѓутоа, законското право на работниците да остворат минимална плата и да се оформува не сме никој да ја скрати, тоа е веќе предвидено и буџетирано во буџетите и на јавните институции и на приватниот сектор.“, вели Марјан Ристески.

Инаку, во петокот лидерот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов остро ги нападна пратениците дека со земениот двонеделен одмор дозволуваат ем да не се расправа за нивното барање за минимална плата од 500 евра, ем да не се смени Законот во кој сè уште стои дека минималецот го потпишува Министер за труд и социјалана политика, нешто што во реалноста не постои.

„Денеска е последниот работен ден кога можеа да го направат тоа и за жал не го направија тоа, бидејќи пратениците, кои имаат право на трошоци за превоз, кои имаат евтино бифе, кои имаат 79% веќе зголемени плати, тие одлучија да не работат, односно со тоа и да работат на штета на работниците. Не менувањето на Законот за минимална плата и не давањето на надлежност на министерот за економија и труд, согласно Закон, да може да објави минималната плата“, вели Слободан Трендафилов.

Трендафилов смета дека без промена на Законот, министерот Бесар Дурмиши не смее да ја потпише одлуката.





TV21

Read Previous

Приведен бегалец од затвор, вратен е во Идризово

Read Next

Уапсен припадник на обезбедувањето на Мицкоски за оддавање службени тајни