март 31, 2025

Еврокомесарката Кос: Мојот сон е целиот Западен Балкан да биде интегриран во ЕУ


Комесарката за проширување на Европската Унија (ЕУ), Марта Кос, денес изјави дека прекуграничната соработка е инкубатор за проширувањето на ЕУ, додавајќи дека нејзиниот сон е целиот Западен Балкан да се интегрира во ЕУ, а границите и билатералните спорови да исчезнат.

„Мојот сон е целиот Западен Балкан да биде интегриран во ЕУ и границите и билатералните конфликти да исчезнат исто како што исчезнаа во многу други делови од нашиот континент, а особено овде на италијанско-словенечката граница. Тоа го гледам како дел од својата мисија“, рече Кос на конференцијата „Интерег ГО!“ која се одржува во италијанска Горица и словенечка Нова Горица.

Таа истакна дека е фрустрирачки да се гледа дека толкав голем потенцијал останува нереализиран на Западен Балкан поради билатералните тензии и нерешените спорови.

Укажа на важноста на програмата „Интерег“ за регионот на Дунав, со која се обезбедуваат повеќе од 130 проекти за соработка на тој простор.

Кос изрази задоволство што од јули минатата година програмата за соработка „Интерег Европа“ е отворена за Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија и Украина.

„Овие земји сега имаат целосен пристап до 394 милиони евра финансии за прекуграничните политики и тоа е прекрасно“, рече Кос.

Како пример ги наведе плановите на ЕУ за воспоставување зелени ленти на границите на Западен Балкан, што според неа ќе помогне да се намали времето на чекање на границите за 50 до 70 отсто.

Еврокомесарката Кос порача дека европскиот проект, регионалната соработка и негувањето на довербата меѓу заедниците се рецепт за помирување.

„Сега, повеќе од кога било, мораме да инсистираме на тоа, бидејќи за прв пат по повеќе од една деценија имаме реални шанси да внесеме една или повеќе земји во ЕУ во процесот на проширување“, заклучи Кос.

AA

Read Previous

Таравари: Денес 8 пациенти од Скопје се пуштаат дома, од странство се враќаат уште 9 пациенти

Read Next

Објавен e Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во културата