
Пет пациенти кои се лекуваат во Љубљана и Белград се сè уште во критична состојба, информираше министерот за здравство Арбен Таравари.
Бројката на лица кои добиваат здравствена нега во странство е 115, но од другава недела веќе се очекува дел од нив да се вратат дома. Властите ги подготвуваат протоколите за прием. Министерот беше прашан каква поука од трагедијата извлече домашниот здравствен систем, на што Таравари одговори дека и понатаму треба да се инвестира во здравствените капацитети.
„Здравствениот систем успеа да се справи со оваа состојба, релативно добро, целата екипа нормално… со сите слабости и недостатоци што ги имаме. Бројките говорат сами по себе, дека има 0 починати, тоа многу ни значи.“, рече Таравари.
Во домашните болници се лекуваат 55 повредени, кои се во стабилна состојба. Девет пациенти би требало да бидат испишани на почетокот на неделата, откако ќе им бидат направени токсиколошки и психолошки испитувања. Десет пациенти се поранешната градска болница.
„Од десет пациенти кај шест веќе е направена трансплантација на кожа, поради тоа што тие пациенти беа со највисок степен на изгореници од трет степен. Кај останатите пациенти продолжуваат редовните преврски.“, изјави Небојша Настов.
Сепак, министерот Таравари укажа дека и покрај позитивните вести системот се уште треба да биде внимателен, затоа што здравствената состојба кај дел од пациентите може да се менува.
TV21